Home Иселенички Страни Нарциса Андонова, една од едукаторките во школата за македонски јазик во Чикаго со 70 ученици!

Нарциса Андонова, една од едукаторките во школата за македонски јазик во Чикаго со 70 ученици!

140 views

Изучувањето на мајчиниот јазик е една од најважните работи за зачувување на националниот идентитет на една земја. Независно од тоа каде живеат нашите иселеници треба да го негуваат јазикот, и уште поважно нивните деца да го совладаат и зборуваат.

Македонската заедница во Чикаго силно ја негува оваа традиција, од неодамна надоградена со ново отворената школа за македонски јазик со помош на „Светот на Биби“. За оваа иницијатива зборувавме со Нарциса Андонова, една од едукаторките во школата „Св. Наум Охридски“.

Разговараше – Верица Јорданова

Нарциса, како дојде до иницијативата и до соработката со  „Светот на Биби“? Раскажи ни за почетоците?

За “Светот на Биби” слушнавме од повеќе родители. Нивните дечиња веке беа запознаени со видеата и книгите за Биби и Боби. За старт “Светот на Биби” ни подарија неколку книги од нивната литература, а подоцна нашата библиотека ја дополнивме со донации од родителите што патуваа до Македонија. Генерално оваа замисла за  училиште , како и реализацијата, постоеше веќе неколку години, но беше во прекин поради ковид-пандемијата. Оваа година новите членови на црковниот одбор и волонтерите едногласно решивме да се реотвори оваа установа. Уште во првиот месец, на наше големо изненадување, се запишаа околу 70 деца на возраст од 4 до 14 години. Само за споредба, претходните години имало вкупно 15-20 дечиња.

Сега се запишани 70-тина деца на часовите по македонски. Бројката е завидна, но уште колку деца не се вклучени со оглед на тоа дека во и околината на Чикаго е голема македонска заедница?  Со оглед на тоа што во предградијата на Чикаго секојдневно се доселуваат сѐ повеќе Македонци, веќе подолго време се чувствува потребата за образовна установа. Така се роди идејата македонската заедница да основа еден вид училиште. Станува збор за лингвистичко-едукативно училиште кое е од суштинско значење за македонската заедница, каде што главна цел е децата да имаат можност да го изучуваат македонскиот јазик, историјата и да ги негуваат македонската традиција и култура. Сето ова е предвидено да се одвива преку разни игри, читање и пишување, користејќи ликовни и музички методи приспособени на возраста на децата

Како и кога се одвива наставата? Колку децата всушност го го познаваат јазикот од домот, од родителите? 

Дечињата се распоредени во две групи – малата група е составена од деца од 4 до 6 години, а големата од 7 до 14 години. Двете групи имаат посебна програма, која е малку поразлична од онаа што се изучува во основното почетно образование во Македонија и истовремено е разбирлива за нивната возраст.

Големиот интерес од страна на родителите и децата сега, нѐ поттикнува за поголемо заедничко залагање за подобар успех и резултати на училиштето. Задоволството на родителите и на дечињата беше видливо уште по првиот завршен час. Иако постои возрасна разлика меѓу децата, тоа не претставува проблем со оглед на тоа што се работи за деца на кои оригинално мајчиниот јазик, овде во Америка, им е всушност втор јазик покрај англискиот.

Програмите се состојат од разни игри на зборови, букви, цртање и пишување, изговарање, раскажување, како и пеење песнички на македонски јазик. Организираме приредби за претстојните празници со цел да ги вклучиме децата во што повеќе културни настани. Главно наша визија е да создадеме забавен час, кој ќе ги заинтересира децата. За возврат добиваме целосно внимание од нивна страна. Ние како едукатори даваме сѐ од себе за да ја постигнеме првичната замисла, а тоа значи сите деца на крај од учебната година течно да зборуваат и да читаат на македонски јазик, да имаат знаења за местото од каде што потекнуваат нивните предци, како и негување на традицијата и културата

Кажете ни за улогата на “Светот на Биби“ и колку овие цртани ликови и едукативни материјали се популарни и достапни во САД?

За делот околу образовната програма голем удел има издавачката куќа „Светот на Биби“. ,,Светот на Биби” има значителна улога во нашата настава и нивниот тим се залага за промоција на македонскиот јазик, негово зачувување, афирмација, па оттука и поривот и поттикот македонскиот јазик да им биде подостапен на децата надвор од Македонија. Важно е децата да го засакаат јазикот од каде што потекнуваат, важно е да го научат, да го знаат, а за да се дојде до тоа, потребни се материјали, читанки и книги, кои не се баш достапни надвор од Македонија.

Ваквиот делотворен гест од „Светот на Биби“ за училиштето по македонски јазик во Чикаго е од голема важност за ширење на македонското писмо и почит кон нашиот јазик. За жал ние сеуште книги носиме директно од Македонија. Се надевам во иднина ќе имаме можност да ги видеме нивните едукативни материјали овде и да бидат достапни за секого. Тоа е важен дел за мисијата за зачувување на јазикот, изучување на писмото и зајакнување на соработката со македонската заедница во дијаспората, или конкретно во случајот во Чикаго.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2024 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво