Home Иселенички СтраниЕвропа Во Риека се одржа Летна школа по македонски јазик

Во Риека се одржа Летна школа по македонски јазик

62 views

Целото видео можете да го видите ТУКА

Летна школа за македонски јазик, Кострена 2023

Во периодот од 01.07.2023 до 07.07.2023 година во Кострена, крај Риека се одржа Летната школа за македонски јазик за учениците кои го учат македонскиот јазик по модел Ц во Република Хрватска. Проектот е одобрен и финансиски поддржан од Министерството за образование и наука на Република Хрватска, а суфинансиран од Град Дуго Село и Советот на Македонците на Град Риека. Проектот е поддржан од Заедницата на Македонците во Република Хрватска и МКД „Илинден“ од Риека.

Учесници се учениците нa ОУ. „ Иван Бенковиќ“ од Дуго Село, Прва сушачка хрватска гимназија од Риека и Прва гимназија од Загреб. Предавачи на македонскиот јазик беа наставничките Наталија Лековска проф. по одделенска настава и Бранкица Богатинов проф. по биологија и наставник по македонски јазик, под стручно организациско водство на Ивана Брезовец проф. по македонски јазик.

Учениците имаа најразлични активности, цртаа, пееа, пишуваа и учеа да пишуваат курилични букви. Најупорните од нив го научија и Пајдучкото оро под менторство на Наталија Лековска. Некои од нив нацртаа прекрасни слики на платно со мотиви од македонската богата традиција и прекрасна природа, а најмногу мотивирани од Лековска која зад себе има многу самостојни изложби. Освен што пливаа и уживаа во убавините на природата околу себе беа и истражувачи, правеа експирименти, доаѓаа до заклучоци за светот околу нас, беа екологисти. Секако најголема заслуга за тоа ја има наставничката Богатинов. Преку географската карта учеа за македонските убавини, го цртаа прекрасното сонце, слушаа македонски песни, имаа диско забави, ги цртаа своите лица, се натпреваруваа за уредноста на своите соби, го градеа тимскиот дух и беа среќни.

 

Средношколците добија свои задолженија. Во годината посветена на Шопов ги читаа и толкуваа неговите стихови. Имаа своја поетска вечер во која најголема помош ни беше музичката поддршка од страна на Михаил Арчон, а присутните на настанот уживаа во морската убавина и македнската поезија. Имаа и улога на ментори во ликовните работилници.

Преку платформата зум направивме промоции на книги со чија помош учениците се запознаа со две авторки кои творат на македонски јазик и создаваат дела кои во себе го носат нашиот идентитет, македонскиот.

Волшебната приказна „Ведра“ ја пробуди љубопитноста кај намладите. Во дирекната комуникација со авторката Јулијана Величковска беа среќни и во целост посветени поставуваа прашања, ги цртаа своите херои од приказната и беа среќни што можеа да ја запознаа прекрасната авторка.

 

Неверојатно е колку многу ја засакаа Ведра и дојдоа до многу важни заклучоци, а еден од најважните е дека секоја мајка ги сака сите свои дечиња.

Во деновите кога се слави 70 години Институт за македонски јазик „ Крсте Мисирков “ и 120 години од „ За македонцките работи “ ја имавме честа да ни се обрати авторката на научниот труд „ Презимето кај Македонците”. Обраќањето на авторката беше преку платформата зум.

Проф. д-р Елка Јачева – Улчар, научен советник во Институтот за македонски јазик предизвика интерес да се слуша со големо внимание и учениците научија многу за дејноста на Институтот за македонски јазик во Македонија и за важноста на презимето во нашата идентификациј. Овој наслов е многу важен за сите нас каде и да сме во светот. Се надевам дека нашите ученици ќе ги пренесат силните пораки во своите фамиили, ќе ги споделат со своите најблиски.

Професорката Улчар на крајот ни упати јасна порака :

„ Нека гори пламенчето за македонскиот јазик во Хрватска“.

„ Нова Веда“ е весник на битолската Гимназија Јосип Броз Тито кој својот пат до нашите средношколци го пронајде и на тој начин го доживеа своето претставување во Хрватска. Упатуваме благодарност до  професорот  по македонски јазик, иницијаторот и двигател  Никола Трајковски што ги мотивира своите ученици и што ни помогна овој прекрасен пример да биде претставен пред нашите средношколци. Се надевам дека ќе сведочиме уште на многу успеси и заедничка соработка.

Учениците го посетија прекрасниот град  Риека, а на самиот крај беа гости  и во просториите на МКД ,, Илинден“ каде што со убав македонски збор не поздрави почитуваната Санда Треневска Хрељац , некогашна ученичка на Наталија Лековска која и помогнала да го научи македонскиот јазик и која пред присутните порача дека младите се иднината на нашите друштва и носители на културата на нашата татковина Македонија во  пријателската Републка Хрватска.

Централната манифестација ја збогатија со својот настап МКД „ Илинден “ од Риека. Кои освен што се претставија со песни и музички точки од својот репертоар, имаа и мала ревија на народни носии за која зборуваше претседателката Ивона Д. Митев. За традиционалните дувачки инструменти објаснуваше со голема љубов г. Кирило Трајковски кој денес е почесен член на друштвото и долгогодишен свирач на гајда. Со најголема љубов кон македонскиот фолклор на учениците им ги покажа убавите инструменти и звуците кои се претвораат во магија која се сака секаде во светот.

За најмладите беше направена и мала томбола, а претседателот на Заедницата на Македонците во Република Хрватска г. Илија Христодулов со голема радост ги додели дипломите на учесниците притоа нагласувајќи ја желбата за поголема соработки на ЗМУРХ со училиштата во кои се изучува македонскиот јазик во Република Хрватска и ја изрази својата желба сите училишта заеднички да бидат учесници во идните проекти.

Ученикот Тин Манагаров од Првата сушачка Хрватска гимназија рече дека Летната школа била многу интересна, исполнети со содржини преку кои научил многу нови нешта за Македонија. Запознал прекрасни врсници кои исто така го учат македонскиот јазик во другите градови. Преку многу стихови ја почувствувал душата на Македонија и во Хрватска.

Тамара Спиркоска матурантка која го учи македонскиот јазик во Првата гимназија вели дека Летната школа за македонски јазик во Кострена за нејзе претставува прекрасно искуство. Дека и било многу забавно и се стекнала со нови знаења. Дека снекнала нови пријателства и се и било убаво.

Петар Богатинов ученик од основното училиште ,, Иван Бенковиќ “ од Дуго Село рече дека прекрасно му било на Летната школа за македонски јазик.

Во исчекување на нови прекрасни случувања Ви пренесуваме дел од амбиентот и преку слики.

Со почит,

Ивана Брезовец водител на Летната школа за македнски јазик, Кострена 2023.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2024 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво