Македонските иселеници во буџетот внесуваат околу 800 милиони евра и како такви се дел од економската стабилност на државата. Ова како податок го сподели директорот на Агенцијата за ислеништво, Слободан Близнаковски во своето обраќање на манифестацијата „Ден на дијаспората“ што се држува во каменичкото село Цера.
Секојдневните средства со кои иселениците директно ги потпомагаат своите најблиски, како што додаде Близнаковски, се директни донации во Буџетот на државата што влијае за економски просперитет на државата.
– Имате и индиректни донации кон буџетот на Северна Македонија, каде вие исто така инвестирате во недвижности реконструкција на вашите домови, но и во имотно правни односи затоа голема почит кон вас, голема почит затоа што на годишно ниво според статистиката која се води, вие внесувате околу 800 милиони евра во буџетот, што значи дека сте сериозен и стабилен столб на финансирање на државата, рече Близнаковски пред присутните.
Директорот информираше дека Агенцијата за иселеништво на годишно ниво организира одредени програми на кои можат да се приклучат иселениците и нивните деца.
– Годинава организиравме фолклорен фестивал во Охрид каде што имавме пет културно уметнички друштва на Македонците од Романија, Србија, Хрватска, Словенија и Австрија. Потоа организиравме Ликовна колонија во Крушево каде беа еминенти познати и помалку познати уметници кои што твореа, како и поетски творби за наши иселеници. Иселениците исто така имаат можност за најмладите, нивните деца да можат да се приклучат во камповите со физичко присуство за изучување на македонскиот јазик. Имавме и спортски камп за запознавање со водните спортови, но и кошарка, ракомет, одбојка. Останатите програми можете да ги следите на нашата страна, ние како агенција ви стоиме на располагање, затоа што ние постоиме заради вас, додаде Близнаковски.
Манифестацијата „Ден на дијаспората“ и годинава се држа на туристичкиот локалитет Еленец, а во рамки на настанот што го организираше Културно информативниот центар „Романса” во соработка со Општина Македонска Каменица настапија групата Модерато и естрадниот уметник Душко Георгиевски, како и фолклорната група Вера Јоциќ.
Во рамки на настанот организаторите доделија благодарници за учесниците, претставник на македонското здружение во Рикалдоне, директорот на Агенцијата за Иселеништво, Слободан Близнаковски и градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, кој пред присутните истакна дека е најдобро кога иселениците се дома порачувајки денешниот ден да го искористат за размена на идеи и можностите кои ги нуди Агенцијата овде и во странство.
– Пред некое време бевме во посета на повеќе општини во Италија и Швајцарија, сегде кај што има наши иселеници, но најдобро е на сите кога сте тука присутни, бидејки дома си е дома. Јас очекувам да имате убав ден и многу дружење, разменување на идеи и сите можности кои нашата агенција може да ни ги обезбеди нам, и на нашите иселеници низ државите, рече каменичкиот градоначалник Атанасовски.
За претседателот на Македонското здружение од Општина Рикалдоне најважно е успешната сработка со општина Македонска Каменица да продолжи и во иднина, а денешниот настан продолжи со општо-народна веселба.