Home Иселенички СтраниАвстралија Интервју со роднокраjниот автор, Емилија Жупановска

Интервју со роднокраjниот автор, Емилија Жупановска

67 views

Библиотека: Емилија  Жупановска, велешанка што живее во Волонгонг, Австралија е мајка на малата Мелани, сопруга на Димче Жупановски. Кажете ни повеќе за вашето потекло!

Емилија: Родена сум во Велес, на 5 март 1982г.како Емилија Рашевска. Основно образование завршив во  училиштето „Васил Главинов“, а средно во „Гимназијата Кочо Рацин“. Потоа продолжив во Скопје на Филолошкиот факултет. Професијата ми е, за жал, еден вид хоби. Живеам во Волонгонг, Австралија и моментално работам во стоматолошка ординација, за што никогаш не сум ни помислувала дека ќе работам. Имаме и фамилијарен бизнис, пекара за традиционални македонски печива и бурек.

Библиотека: Кога ги направивте првите чекори во творештвото?

Емилија: Љубота кон книгите, литературата и пишувањето ми се појавија уште во раните детски години. Потоа се обидував да составувам мали стихотворби претежно со рима. Членував во библиотекарската и  литературната секција во основното училиште. Редовно учествував на литературни конкурси и често бев наградувана, посебно за Денот на училиштето и на празниците на другите училишта низ градот.

Библиотека: Дали пишувате само поезија и каква тематика опфаќате?

Емилија: Ја сакам поезијата, но и прозата, секако. Претежно пишувам стихови, а понекогаш знам да составам и кратки текстови. Не би рекла дека се тоа раскази, туку само кратки текстови кои имаат некоја порака. Сакам да читам романи, сѐ уште но не сум се осмелила да напишам.

Библиотека: Од што најчесто  добивате инспирација? Што е тоа што Ви вели за што да творите?

Емилија: Инспирација наоѓам буквално секаде, на работа, на улица, дома. Сѐ ме инспирира, не треба многу за тоа, некој збор, случка, луѓе и ете ти, река од зборови слеани во некој стих. Обичното секојдневје, смислата на постоењето, разбирањето и неразбирањето меѓу луѓето, љубовта, гневот, смртта на близок, носталгијата итн.

Библиотека: На кои награди и признанија сте добитничка, и што значи за вас да се добие награда?

Емилија: Па, за наградите од основното и средното образование искрено и не можам да се сетам конкретно, биле многу, сум објавувала  песни во списанија и сум  учествувала во рецитирање на радио и телевизија. Не продолжив професионално да се посветам на творечката кариера, сѐ уште се сметам за аматер. За мојата стихотворба „Книга“ добив  плакета како награда, од Друштвото на писатели во Сиднеј „Григор Прличев“.

Библиотека: Дали размислувате да издадете збирка поезија?

Емилија: Да, секако би сакала, во план ми е. Навистина имам премногу песни и би било жално да останат така необјавени. Но засега никако да најдам повеќе време да одберам и се посветам на тоа. Здравје, ќе видиме. Прва и единствена стихозбирка објавена во средношколските денови ми е „Посветена за…“ со љубовна тематика.

Библиотека: Иако сте далеку од родниот крај, сепак, сте активен поддржувач на македонскиот јазик и култура, на кои здруженија сте член во Австралија и како дејствувате?

Емилија: Да, навистина, ако не заминеме од своето гнездо не знаеме или не претпоставуваме колку ни значи. Тој порив доаѓа сам, тоа е искра која тлее постојано во нас иселениците. Оти ние сме и ваму и таму. Задоени од татковината не можеме да не си ја сакаме. Поборник сум за зачувување на јазикот. Знаете, во Австралија има многу сонародници. Македонската заедница е овде навистина многубројна, имаме цркви, манастири, играорни друштва, училишта. Земјата е мултикултурна и секој си има свое место и свои права. Се дружиме со наши луѓе колку што ни дозволува времето. Долгогодишен волонтер  сум како професор по македонски јазик за нашите иселеници во Австралија, и тоа навистина ме исполнува.

Библиотека: Во време на социјални мрежи, некултура и кич, каде е литературата, особено поезијата?

Емилија:  Оптимист сум по природа и израснав во времето кога книгата беше најубавиот подарок. Сакам да верувам и се надевам дека пишаниот збор на парче хартија е многу попримамлив од држење телефон. Впрочем, секогаш имало луѓе кои читаат многу и оние кои читаат помалку.

Библиотека: Дали размислувате да се вратите во Македонија?

Емилија: Би сакала да се вратам, но засега не сум можност. По една цела деценија живот овде, имам уште многу работи за кои мечтаам. Македонија ќе остане засекогаш мојот дом, иако физички не сме  воопшто блиску. Но, којзнае, можеби еден ден. Зошто да не? Убави спомени носам  оттаму.

Интервју со роднокраjниот автор, Емилија Жупановска

 

НИ ВАМУ НИ ТАМУ

Kако венец

налик месечинка

си го сплетов

виножитото на глава,

сонце жолтозрачно

на платно црвено.

 

Ја пеев азбуката

со деца нашинци

во туѓина.

Се инаетев

со чекорот во орото

две напред, едно назад

срцето велеше остани

духот правеше постојани преселби.

И ваму и таму – ни таму ни ваму

 

ЉУБОВТА ГОЛЕМА КОН МАКЕДОНИЈА

Со патриотизмот не треба да се чукаме в гради

да обвинуваме

и со прст покажуваме

кои се криви,

а кои прави.

 

Патриотизмот се чувствува,

престанете да подбуцнувате,

да префрлувате

како се покажува

кој како го докажува.

 

Eден народ сме,

а не како што

сакате да не претставите

две завојувани страни,

едниот да напаѓа

другиот да брани.

 

Непотребни се такви тешки поделби

страшни се тие зборови,

сите сме чеда на Македонија

нејзини ќерки и синови,

дали сме останати или отселени

тоа не ја менува,

ниту намалува

ЉУБОВТА ГОЛЕМА КОН МАКЕДОНИЈА.

 

ДУША

Она кога имаш сѐ,

а ништо немаш,

оти душа немаш.

Кога со малку не си задоволен

а со многу ич (воопшто).

Кога се препотуваш,

а ладен ко камен остануваш.

Кога очи затвораш,

а буден си.

Кога свирепо на среќата и се додворуваш.

Недозреана овошка однадвор,

а внатре скапана.

Kнига

Светот низ страници ќе ви го прикаже

и за минато ќе ви раскаже,

со букви нанижани ќе ве пренесе

до кај мисла не ви стига,

тоа деца се вика книга.

 

Со читање мозочето ќе ви го развие

и мислите ќе ви ги разбуди

за знајни и незнајни предели

за претстава на предмети и појави.

 

Верна другарка нека ви биде книгата

корисно е другаpувањето со неа,

ве подучува и советува

како мајка или баба стара.

а за возврат ништо не ви бара.

 

Денес сум некој друг

Денес сум босоногото момче

на скопските семафори

што срдeчно дели насмевки

подавајки раце за ситни парички,

а обично добива грст пцовки.

Денес сум онаа женичка

простум застаната во градскиот автобус

подгрбавена над торбите,

додека младината во отсуство на култура

се кикоти запоседната на дотраените столчиња.

Денес сум сириски бегалец

со тага долга колку железничка пруга,

пространа колку земји недоодени,

неспан, нејаден, испотен, изморен

и со надеж за негде, некаде…

Денес сум тетка Злата,

текстилна работничка

на која се и успева, сегде стасува,

со плата куса колку мини сукња

спуштај ја, тегни ја, пак се подига

и со девиза:’ ‘aко, само нека има работа.”

Денес сум татко ми,

жилаво мало човече

кое пушти солзи на испраќање,

и се уште ме чека

да се вратам, да ме прегрне.

Денес сум невработен мамин син

кој спие до единаесет претпладне,

станува на се готово и наместено

и пие пет, шест кафиња до попладне.

Денес сум секој некој, еден па друг

успевам да си ги менувам улогите,

автроска работа ми е

да се вметнувам во ликовите.

Дополнително прочитај и за:

Агенцијата за иселеништво ги врши работите што се однесуваат на положбата и правата на иселениците од Македонија

Последни вести

© 2024 – Сите права се задржани | Агенција за иселеништво